Официјален застапник на PENETRON за Македонија

40 термини · Изотехна

Речник на термини за хидроизолација

Поимите што најчесто се појавуваат при разговор за хидроизолација, објаснети кратко и без жаргон. Ако некој термин го слушнете во понуда или на градилиште, тука е објаснет.

Вода, влага и појави

Хидроизолација

Систем што го спречува продирањето на вода и влага во конструкцијата. Не е еден материјал: во него влегуваат подготовката на подлогата, запечатувањето на споевите, продорите и рабовите, заштитниот слој и контролата по изведбата.

Капиларна влага

Вода што се искачува низ микро-каналите (капиларите) во бетонот и ѕидаријата, најчесто од влажна почва. Се препознава по влажна зона што расте нагоре и по бел цвет на ѕидот.

Подземна вода

Вода во земјата што се наоѓа над нивото на подната плоча. За разлика од капиларната влага, таа дејствува со притисок и бара систем што го запира текот, а не само премаз.

Хидростатски притисок

Притисокот што водата го врши врз конструкцијата. Расте со длабочината, што значи дека подрумско ниво на два метра е под различен притисок од она на шест метра.

Стоечка вода

Вода што останува на рамна површина затоа што падот кон одводот е недоволен или одводот е затнат. Најчеста причина за влага под рамен кров и на тераса.

Кондензација

Влага што се појавува на студени површини без директен контакт со вода. Се решава со вентилација и топлинска изолација, а не само со хидроизолација.

Ефлоресценција (бел цвет)

Бели кристални наслаги на површината на ѕидот. Настануваат кога водата ги носи солите од материјалот, а по нејзиното сушење тие остануваат како цвет.

Мувла

Габична појава на влажни површини. Сигурен знак дека има влага, но не и дека има протекување: причината може да е кондензација, капиларна влага или слаба вентилација.

Пропустливост

Способноста на материјалот да пропушта вода. Основната големина што кристалната хидроизолација ја намалува, со што се намалува и корозијата на арматурата.

Материјали и технологии

Кристална хидроизолација

Технологија при која активните состојки продираат во бетонот и во реакција со неговите минерали создаваат нерастворливи кристали. Кристалите ги затвораат капиларите и микро-пукнатините, па заштитата е дел од структурата.

Кристален премаз

Кристален материјал што се нанесува на површината со четка или со спреј. Дејствува во структурата на бетонската подлога, а не како филм на површината.

Кристален додаток (адитив)

Прашкаст кристален материјал што се додава во бетонската мешавина при дозирањето. Дава интегрална заштита на целиот елемент, вклучително неговите внатрешни површини.

Еластичен цементен премаз

Двокомпонентен премаз што по сушењето останува еластичен. Стандарден избор во бањи и санитарни јазли, каде што подлогата се движи и каде што плочките мора да легнат врз постојана површина.

Полиуретански премаз

Течен премаз што создава континуирана и еластична мембрана на површината. Се користи кај површини што се движат или се изложени на механичко оптоварување.

Битуменска мембрана

Валана мембрана на база на битумен, често со вграден влошка од полиестер. Класично решение за рамен кров, тераса, балкон и темели.

Битуменска лента

Самолеплива лента за детали: рабови, преклопи и продори, каде што е потребна брза и локална обработка.

Водостопер

Профил, најчесто од еластичен ПВЦ, што се вградува во работниот спој при бетонирање. Физички ја прекинува патеката на водата низ спојот помеѓу два бетонски сегменти.

Набабрувачка трака

Трака што контролирано се шири кога ќе дојде во контакт со вода и со тоа го затвора спојот. Се вградува пред бетонирањето, на местото на работниот спој.

Брзоврзувачки заптивен малтер

Цементен материјал на кристална основа што реагира брзо и го запира активниот тек на вода, вклучително под висок притисок. Се користи како прв чекор во санација.

Малтер за поправка

Водоотпорен малтер за пополнување на пукнатини, дупки, шалниг-врски и оштетен бетон. Задолжителен чекор пред нанесување на системот.

Инјекциона смола

Материјал што се вбризгува под притисок во пукнатина за да ја исполни и затвори, често кога пукнатината е активна и е во движење.

Импрегнација (хидрофобизација)

Материјал што продира во површината и ја прави водоотпорна. Помага против атмосферска вода и влага, но не е замена за хидроизолација кај вода под притисок.

Конструкција и детали

Работен спој

Спој помеѓу два бетонски сегменти што се изведени во различно време. Најчестото место каде што се појавува протекување, затоа се обработува посебно.

Дилатациски спој

Намерно оставен спој што ги прима движењата на конструкцијата. Мора да остане функционален, а хидроизолацијата врз него да биде еластична.

Продор

Место каде низ плоча или ѕид поминува цевка, кабел или вентилација. Секој продор се обработува посебно, со манжетна или со заливка.

Шалниг-врска (отвор од оплата)

Дупка што останува во бетонот по отстранување на оплатата и држачите. Ако не се пополни со водоотпорен малтер, станува директна патека за вода.

Позитивна страна

Страната на конструкцијата од која доаѓа водата. Хидроизолацијата изведена од оваа страна е најефикасна, бидејќи водата не доаѓа во контакт со конструкцијата.

Негативна страна

Страната спроти водата, односно внатрешноста на просторот. Кристалната хидроизолација е меѓу ретките што може да се нанесе и од негативната страна, што овозможува санација без ископување.

Темелна плоча

Армиран бетонски елемент што ја носи конструкцијата и е во постојан контакт со земјата. Заедно со подземните ѕидови е првата линија против подземна вода.

Естрих

Цементниот слој што ја израмнува подната површина под завршната обработка. Кај бањи и тераси врз него се изведува хидроизолацијата.

Кошулица (заштитен слој)

Слој што се поставува врз хидроизолацијата за да ја заштити од механичко оштетување и од ултравиолетова светлина.

Потпорен ѕид

Конструкција што задржува земја или вода и е изложена на страничен притисок. Хидроизолацијата овде се изведува заедно со дренажа.

Лифтовска јама

Најниската точка на објектот, често под нивото на подземната вода. Бара посебна обработка заради притисокот и заради опремата што се вградува во неа.

Дренажен слој

Слој што ја собира и одведува водата пред да дојде во контакт со конструкцијата. Се комбинира со хидроизолацијата кај темели и потпорни ѕидови.

Изведба и контрола

Подготовка на подлогата

Чистење, отстранување на отпаднати слоеви, поправка и израмнување пред нанесување на системот. Најчестиот извор на грешки и причина за повторна санација.

Тест со стоечка вода

Контрола при која површината (или базенот) се полни со вода за да се потврди дека системот не пропушта. Се изведува пред завршната обработка, за да не се отвора готова површина.

Санација

Изведба на заштита кај постоечки објект. Најпрво се утврдува причината (протекување, капиларна влага или кондензација), бидејќи секоја бара различен пристап.

Само-залекување

Способност на кристалниот систем повторно да се активира и да ги затвори пукнатините што се појавуваат подоцна, кога во бетонот повторно ќе има влага.

Технички лист (data sheet)

Документ од производителот со податоци за примена, потрошувачка, дебелина на слојот, температури и време на сушење. Дел е од секоја понуда.

Безбедносен лист (SDS)

Документ со информации за безбедно ракување, заштита при работа и постапување со материјалот.

Каде се применуваат овие термини

Секој термин од речникот добива практично значење при изведба. Решенијата се поделени по вид на објект.

Изотехна · PENETRON

Не го најдовте терминот што ви треба?

Јавете се и објаснете со свои зборови што се случува со објектот. Ние ќе го именуваме проблемот и ќе предложиме систем.

Официјален застапник

Изотехна е официјален застапник на PENETRON за Северна Македонија. Материјалите од PENETRON системот ги имаме на залиха и ги вградуваме со техничка документација за секој производ.

izotehna.com.mk ↗   penetron.com.mk ↗